Заканувачка порака, во која се вели дека „ќе има бесење и колење на сѐ бугарско, фашистичко“ и дека ќе влезат во Собранието и ќе ги убијат сите што се за Бугарите ако се усвојат уставните измени“, добил претседателот на Собранието Африм Гаши на службениот мејл.
-Претседателот на Собранието најостро ги осудува сите форми на закани и притисоци врз носителите на јавни функции и останува посветен на принципите на демократијата и владеењето на правото, се наведува во соопштението од Кабинетот на Гаши.
Мејлот го добил синоќа по интервјуто за 360 степени каде рече дека по изборот на нова влада во Бугарија може да се пристапи кон решавање на спорот, но оти не може веднаш да се очекува некој голем успех во разговорите.
„Гледајќи на овој проблем низ призма на заеднички интерес и на двете држави и на двата народа, македонскиот и бугарскиот, во смисла на регионална сигурност, мислам дека е од заеднички интерес да пристапиме кон решавање на овој спор. Односно, да се тргне бугарското вето за отворање на преговорите на нашата земја со ЕУ.
Мислам дека Бугарија ништо не губи, напротив, јас сум убеден дека тие добиваат, но само треба да чекаме малку време да спласне тензијата, да се разговара на масата со аргументи. Да го сфатат и нашиот контекст. И мислам дека САД и Брисел, ако помогнат малку, убеден сум дека уште малку ни треба да се одврзе овој јазол“, рече Гаши во интервјуто.