Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп започна напад врз заедничките западни вредности, кои „треба да се сфатат многу сериозно“, изјави вчера германскиот вицеканцелар Роберт Хабек.
Во петокот, на првиот ден од Минхенската безбедносна конференција, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ја критикуваше одлуката на германските мејнстрим партии да не соработуваат со екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), во изјави кои беа остро отфрлени од официјален Берлин.
„Факт е дека се напушта она што некогаш дојде во Европа од Америка: владеењето на правото, либералната демократија и поредокот заснован на правила“, рече Хабек, член на партијата на Зелените, за време на изборната дебата во живо што ја пренесува германскиот ТВ канал РТЛ.