Годишно губиме по 10.000 грла говеда, вели Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Според медиумот mk.bloombergadria.com за период од десет години увозот на земјоделско-прехранбени производи е зголемен трипати. Негативниот биланс во 2014 година изнесувал околу 150 милиони евра, во 2023 година надминал 430 милиони евра.
Во вакви околности се наметнува дилемата дали силната државна поддршка се исплати и дали треба да се смени нешто. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и минатата недела, по завршувањето на годишниот скрининг, препорача „во секој ребаланс на буџетот, властите да избегнуваат зголемување на трошењето и да се насочат кон намалување на даночните расходи и трансфери (на пример: субвенции во земјоделството)“.
На крајот на минатата година беше извршена среднорочна процена на остварувањата во сите потсектори во земјоделството за период од десет години. Драги Димитриевски, професор на Факултетот за земјоделски науки и храна, кој работеше на процената, во изјава за „Блумберг Адрија“ вели дека дошле до заклучок дека, и покрај растот на поддршката, производството се намалува.
„За жал, добивме резултати што кога ги вкрстивме со трендовите на буџетските поддршки (субвенциите), се покажа дека и покрај зголемувањето на субвенциите, производствените капацитети (обработливо земјоделско земјиште и број на добиток) се намалени, што доведува и до намалување на производството. Единствени потсектори во кои има мало зголемување или задржување на состојбата се овоштарството и свињарството. Особено поразителни се податоците за сточарските потсектори (освен кај свињарството). На пример во говедарството бројот на говедата се намалил за околу 100 илјади или во просек по 10 илјади грла годишно“, вели тој.