Еден од најпрепознатливите автомобили на сите времиња, Mercedes W123, уште еднаш ја покажа својата издржливост, овој пат во екстремни услови.
Видеото кое привлече милиони прегледи на социјалните мрежи покажува како овој класичен Мерцедес се стартува од поплавената гаража во Валенсија, само неколку дена откако беше потопен за време на катастрофалните поплави.
Сопственикот го извлекол автомобилот од калта користејќи го само неговиот погон, а глетката на легендарната „машина“ која излегува на сонце ја воодушеви автомобилската заедница ширум светот.
Овој модел популарно познат како „Taxianer“ се произведуваше во Германија од 1975 до 1986 година и веќе се здоби со култен статус поради неговата неверојатна издржливост и долговечност. Многу ентузијасти тврдат дека овие автомобили се ретки и денес веќе не се произведуваат во толку цврста форма, пренесе Ауто Клуб.
Мерцедес W123 има долга историја во такси услугите ширум светот, поминувајќи милиони километри без некои поголеми проблеми, а неговите наследници од сериите W114, W124 и W210 се познати по тоа што поминаа преку милион километри без позначајни дефекти.
Еден од најпознатите примери е Mercedes 240 D W123, кој поминал дури 7 милиони километри како такси, додека неговиот претходник, Mercedes 240 D W114, поминал 4,6 милиони километри во Грција пред да заврши во музеј. Ова само го потврдува статусот на W123 како едно од најиздржливите возила во историјата на автомобилската индустрија.
Легендата за Mercedes W123 очигледно живее, а ова видео од Валенсија е само уште еден доказ за неверојатната издржливост на овој автомобил, поради што многумина сè уште го сметаат за икона на автомобилската индустрија.
Видеото може да го погледнете тука