Еден ден откако францускиот претседател Емануел Макрон посака главниот лик од серијата на Нетфликс „Емили во Париз“ да се врати од Италија во француската престолнина, градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери изјави дека нејзе и е многу добро во Рим.
„Почитуван Емануел Макрон, не грижете се: Емили се чувствува многу добро во Рим“, рече градоначалникот Роберто Гуалтиери, пренесува денеска Politico.
Гуалтиери додаде дека срцето не може да се контролира и дека на Емили треба да и се дозволи да избира.
Во четвртата сезона од серијата, Американката Емили Купер, која ја игра актерката Лили Колинс, се преселила од Париз во Рим поради работа. Макрон вчера на шега изјави дека ќе се бори главниот лик од хит серијата на Нетфликс „Емили во Париз“ да се врати во француската престолнина по нејзиниот престој во Рим.
„Ќе се бориме силно (за таа да се врати). И ќе бараме од нив да останат во Париз! „Емили во Париз“ во Рим нема смисла“, изјави Макрон за магазинот „Варајети“.
Според него, оваа серија му донела голем успех на Париз и на целата земја, а неговата сопруга Брижит е толку заљубена во серијата што дури и се појавила во една епизода, што го направило Макрон, како што вели, „многу горд“.
Во интервју за римското издание на магазинот Холивуд Репортер, градоначалникот на Рим го предупреди францускиот претседател да не се меша во продукциските планови на Нетфликс. Гуалтиери додаде дека разговарал за коментарите на Макрон и со градоначалничката на Париз, Ан Идалго, и дека и двајцата се насмеале.
„Гледаме дека Емили се сели во Рим, што е потврда дека нашиот град станува се поважен и целосно сме опуштени околу одлуките на продукцијата на Нетфликс. Тие знаат што прават“, изјави Гуалтиери и додаде дека Макрон треба само да се опушти.