Реката Дошница, една од најчистите и недопрените реки во Македонија, е пред опасност да биде ставена во цевка. Фирми и поединци планираат над Смрдлива Вода да изградат мали хидроелектрани.
Граѓани, активисти, еколошки организации, планинари и заштитници на природата, вчера одржаа втор предупредувачки протест од кој упатија порака дека решително се спротивставуваат на изградбата на мали хидроцентрали (МХЕ) на реката Дошница и нејзините притоки, затоа што сметаат дека овој проект го загрозува екосистемот и снабдувањето со питка вода, уништува економски, културни и рекреативни вредности и е спротивен на националните и меѓународните закони за заштита на природата.
– Овие хидроцентрали, иако административно спаѓаат под Општина Кавадарци, ќе имаат директно негативно влијание врз снабдувањето со вода, живиот свет и природните ресурси во Гевгелија, Демир Капија, Неготино, Росоман и пошироко. Сите пиеме вода од истата планина, Кожуф – велат организаторите на протестот.
Тие посочуват дека на Кожуф се случува огромна еко катастрофа. На потег од 5 километри се сече шума и со багери се урива планината за да се направи пат до локациите каде што треба да се градат малите хидроелектрани „Лапара“ и „Баров дол“ за кој дозвола има издадено општина Кавадарци на крајот на декември минатата година.
– Овие две хидроцентрали се на територија на Општина Кавадарци, но се на границата со општина Гевгелија, на Смдлива вода, свето место за гевгеличани. Демир Капија пие вода од реката Дошница, а од истата планина вода пијат Гевгелија, Неготино, Росоман и Кавадарци – велат организатите на протестот.
Комисијата за животна средина при Федерацијата на планинарски спортови на Македонија во врска со најавеното градење мали-хидроцентрали изразува длабока загриженост и велат дека се категорично против реализацијата на овие проекти.
– Наместо да се бара заштита и прогласување на оваа преубава планина за национален парк, група луѓе настојуваат да дејствуваат деструктивно врз едно од последните недопрени и највредни природни богатства што ги имаме. Со изградбата на вакви хидроцентрали се уништува цел еден екосистем, дом на голем број организми кои немаат алтернативен простор за живеење, значително се зголемува човечкото присуство, што води до нарушување на природната рамнотежа, се создаваат трајно обезшумени подрачја и се нарушува подземниот и целокупниот воден режим, што ќе има последици и за локалните заедници кои живеат во близина – потенцираат од Комисијата.
Оттаму апелираат да не се нарушува чистата и недопрена природа која не смее да биде жртвувана, како што велат „за ничии лични интереси, пари или ситни придобивки на сметка на еден цел екосистем, кој е дом за безброј живи суштества“.
Организаторите на протестите: граѓанските иницијативи Зелена народна стража, Спас за Дошница, Спас за Прилеп, Млади за Македонија, Точак клуб Гевгелија, За почиста Македонија, Yes for Less, Аква фортис, МК-СИРК (Македонски студенти за истражување и развој од космосот), здруженија и активисти од Тиквешијата, од Гевгелиско-валандовскиот регион и еко-активисти од цела Македонија, бараат Општина Кавадарци под итно да ја укине дозволата за градба на хидроцентралите „Лапара“и „Баров дол“ на реката Дошница на планината Кожуф, а Владата во рок од еден месец да донесе одлука за стопирање на сите активности поврзани со изградбата на МХЕ.
– „Конска Река (Гевгелија) веќе е пресушена. Под закана се и Кранска, Крива, Тополка, Каменичка, Брајчино, Бачишка и многу други планински реки. Дали ќе дозволиме Дошница да биде следната – прашуваат тие и упатуваат јавен повик до пратениците, градоначалниците, советниците, еколошките здруженија и сите граѓани на Македонија да застанат заедно во одбрана на реката Дошница.
Исто така, бараат Владата да донесе одлука за отпочнување на постапка за прогласување на планината Кожуф за Национален парк.
– Бараме планината Кожуф да се прогласи за заштитено подрачје – барање што го поддржаа 13 доктори на науки и академици, тројца градоначалници од три општини и десетици граѓански организации – велат организаторите.