Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска побара јавноста да им даде на институциите неколку дена за да го решат случајот со третоодделенецот од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје, кој требаше да биде префрлен во училиштето „11 Октомври“.
Со тоа што во јавноста се врши притисок, според Јаневска, се прави стигматизација на ученикот.
„Ве молам да дозволете, неколку дена веќе работиме тимски. Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Министерството за социјала, демографија и млади го решаваат проблемот. Дозволете неколку дена да дојдеме до најсоодветното решение. Предвидуваме подлабоки и посериозни активности и постапки што ќе бидат во корист на детето и решавање на целиот случај“, кажа Јаневска одговарајќи на прашањето дали имаат решение на случајот.
„Не може целата македонска јавност да го стигматизира детето. Дајте ни време, ќе го решиме случајот“, порача таа.
Третоодделенецот, од чие однесување се пожалија родители од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, требаше да биде префрлен во ОУ „11 Октомври“ во Центар.