Градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов на Фејсбук објави дека две фирми и нивните управители ќе добијат прекршочни платни налози бидејки општинскиот инспектор за животна средина при вонреден надзор констатирал неправилности и не била почитувана законската регулатива.
Двете фирми ќе одговараат согласно член 37, став 4 од Законот за управување со отпад, при што правното лице ќе биде казнето со глоба од 9.000 евра, а управителот со 500 евра.
Градоначалникот Костадинов не прецизираше за кои фирми станува збор, ниту пак за што ќе бидат казнети. Но, во посочениот Закон во член 37, став 4 стои: „Се забранува горење или согорување отпад на локации кои не се наменети за таа цел, како и користење уреди и инсталации за кои не е издадена соодветна дозвола согласно закон или во кои горењето или согорувањето на отпадот може да ги загрози животната средина, животот и здравјето на луѓето“.
Општинскиот инспектор за животна средина извршил шест инспекциски контроли и тоа кај четири фирми за производство на мебел, една за производство на амбалажа од пластични маси за пакување и една за изработка на метални конструкции.
„За три фирми ќе се донесе Решение за изработка на елаборат за животна средина и да се преземат соодветни технички мерки за вградување филтер со кој ќе се намали, спречи и контролира негативното влијание врз квалитетот на воздухот, а за еден правен субјект ќе се донесе Решение согласно дејноста која ја обавува да се изработи елаборат за животна средина согласно член 24 од Законот за животна средина“, стои во објавата.
Вонредните инспекциски контроли биле вчера, два дена по протестот на струмичани кои побараа чист воздух.