Дури 62,6 отсто од граѓаните во земјава сметаат дека не можат да добијат фер судење, покажува најновата анкета на Детектор. Само 23,5 проценти велат дека можат да добијат фер судење, бројка која е благо зголемена споредено со 2023 година кога на истото прашање потврден одговор дале 19,3 проценти од испитаниците.
Од анкетираните 73,5 проценти сметаат дека правдата во земјава е селективна, бројка која е непроменета во изминатите две години. Во неселективна правда веруваат 19,3 проценти од испитаниците.
Довербата во судството е зголемена од 5,3 на 8,4 проценти. Заедно со оние 18,4 отсто кои велат дека донекаде му веруваат на судството, вкупно 26,8 проценти од испитаниците имаат позитивен став кон судската власт. Воопшто не му веруваат на Судството 51,6 проценти.
На Обвинителството му веруваат 5,8 проценти од испитаниците, додека, пак, донекаде му веруваат уште дополнителни 20,5 проценти. Недоверба имаат 50,5 проценти.
Довербата во полицијата е повисока- при што 19 проценти од анкетирантие велат дека и веруваат, а дополнително уште 29,8 велат дека донекаде и веруваат на полицијата.
Од испитаниците 77,2 проценти сметаат дека постојат надворешни влијанија врз правосудството, додека 10,8 проценти сметаат дека е независно.
Дека поголемиот број на процеси во изминатите години против поранешни и актуелни функционери не биле фер и праведни сметаат 64,4 проценти.
Големо е мнозинството на граѓани кои сметаат дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители треба да бидат распуштени. Дури 57,8 проценти од испитаниците велат дека треба целосно да се распушти Судскиот совет, а 54,6 сметаат дека треба да се распушти Советот на јавни обвинители.
Анкетата телефонски за Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС), во периодот од 24 до 27 декември 2024 година, на репрезентативен примерок од 1.066 испитаници.