Стотици граѓани синоќа ги окупираа влезовите на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија , а некои од нив влегоа внатре и се расправаа со директорот Васил Василев и продуцентот на претставата на холивудската ѕвезда Џон Малкович, „Оружје и човекот“ .
Малкович гостуваше со претставата работена според текстот на Бернард Шо, едно од неговите најпоставувани дела, која важи за пародија на национализмот и империјализмот. Според „Факти“, Малкович изјавил дека не разбира бугарски јазик и не сфаќа во што е проблемот.
Демонстрантите реагираа дека претставата е антибугарска, како и дека ги исмева бугарските војници и бугарскиот народ, бидејќи ги претставува Бугарите за време на српско-бугарската војна (1885). Според нив претставата е навреда за националните и христијански вредности и дека Василев тоа го дозволил.
За време на вчерашните судири, демонстрант му ги зел и скршил очилата на актерот Владо Пенев, директорот на театарот завршил со искината кошула и вратоврска, а пред театарот бил нападнат познатиот режисер и сценарист Тео Ушев.