Десетици илјади граѓани се собраа на Парадата на гордоста во Будимпешта која се одржа и покрај забраната за настанот. Оваа година се одбележува 30-годишнината од маршот, а поради заканите за казни од унгарскиот премиер Виктор Орбан, парадата стана моќен симбол на отпор против владините ограничувања на слободата на собири и човековите права, пренесуваат светските медиуми.
На маршот се вееја знамиња со виножито и транспаренти за солидарност со ЛГБТИ заедницата, а дел од присутните носеа пораки за поддршка во борбата за човекови права.
Повеќе од 30 амбасади ја поддржаа Парадата на гордоста, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ги повика унгарските власти да дозволат одржување на настанот.
Полицијата ја забрани овогодишната парада, повикувајќи се на закон за заштита на децата донесен од парламентот во март, со кој се ограничуваат собири на кои се промовира хомосексуалноста.