Суштината на овој празник се љубовта и надежта, а тоа е она што нам ни е потребно, нагласи денеска во изјава за медиумите заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем и претседател на Социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски пред соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
-Сакам на сите да им посакам добро здравје, мир, спокој во срцата и многу добар и голем просперитет и на државата и на граѓаните. Сакам да потсетам дека суштината на овој празник се љубовта и надежта, а тоа е она што нам во овие времиња ни е потребно, особено единството како сега што во храмот на светата литургија имавме можност да го видиме, така ни треба внатре, меѓу самите граѓани и самиот народ, меѓу сите политички фактори – единство, затоа што Македонија и граѓаните во Македонија се исправени пред големи предизвици на кои мора да им се даде соодветен одговор, а тој одговор почнува од внатрешното единство, порача Димовски.
Тој ја потенцира потребата од сплотеност на политичките сили за подобра иднина на нацијата и државата.
– Во таа насока, сакам да ја истакнам оваа порака, дека дефинитивно потребно е сите да седнеме, трезвено да размислуваме во интерес на државата и на нејзината иднина, за да можеме да ги пребродиме сите предизвици со кои се соочува денес нашата држава, подвлече Димовски.