Директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, проф.д-р Игор Стојковски во интервју за МИА истакнува дека двојно зголемен е условниот буџет на Клиниката за радиотерапија и онкологија за иновативни лекови oдносно за биолошка терапија.
Посочува дека со последниот буџет е обезбедена достапност и на седум нови лека за третман на меланом, на дојка, на бели дробови, на мочен меур и на простата. Некои од овие лекови, потенцира, се достапни во Македонија и пред да бидат достапни во земјите од нашето соседство, така што сме сигурни дека пациентите се третираат со најсовремена иновативна терапија според современите светските протоколи за третман.
– При крај е административната постапка за поставување група на лекови, инхибитори на ароматазата (анастрозол и летрозол), на позитивната листа А – така што очекуваме наскоро дека оваа група на лекови ќе може да се издава на рецепт во аптеките во местото на живеење на пациентите, нагласува проф.д-р Стојковски.
Во врска со кадровскиот капацитет, вели дека пред неколку недели на Клиниката се примени четири приватни специјализанти (два специјализанти од областа на радиотерапија и онкологија и два од областа на патологијата) и по подолго време кадровски се зајакнал капацитетот на Клиниката.
– Клиниката има потреба од зголемување на персоналот од сите профили и тоа медицински сестри, радиолошки технолози, медицински физичари, болничари, административен кадар итн. Активно работиме и на реконструкција на одредени делови од Клиниката, со план некои од амбулантите и биохемиската лабораторија да бидат префрлени во пофункционални простории каде нема да се создава голема гужва, нагласува директорот на Клиниката, проф.д-р Стојковски. Во продолжение следи целото интервјуто.
Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија е една од неколкуте клиники, каде секој ден има огромен број пациенти за кои од животно значење е навремената достапност на терапија. Дали е надминат проблемот со недостигот на одредена терапија, како што е таблетарно хормонската („Анастрозол“, „Летрасан“, ЦДК4/6 инхибитори) и цитостатикот „Таксол“, кој пациентите мора да го примаат на секои три недели и сега незнаат што да прават и кога тие ќе бидат достапни за пациентите?
Во моментот, лековите се достапни, но постои можност повремено да се појави недостиг, како резултат на фактори кои се надвор од контрола на клиниката. Такви фактори можат да бидат зголемен број на пациенти што доведува до побрзо трошење на залихите, одредени административни процедури поврзани со јавните набавки, како и доцнење во испораката од страна на производителите или дистрибутерите. Важно е да се истакне дека во такви ситуации постојат и алтернативни лекови со идентична ефикасност. Исто така, лековите кои се на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) кои во моментот ги нема на Клиниката, а се купуваат приватно, се предмет на рефундација од страна на ФЗО.
Дали има можност лекот „Аромасин“ од најнова генерација, кој е антихормонска терапија за канцер за дојка и повеќето од пациентките го купуваат на приватно од соседните држави и е поефикасен, да биде ставен на позитивната листа на лекови или да се зема со рецепт од онколог?
Поставувањето на нов лек на позитивната листа претставува институционален процес што се спроведува од страна на стручните работни групи во рамките на Фондот за здравствено осигурување и Министерството за здравство. За успешно реализирање на оваа постапка, неопходна е координација со производителот на лекот, како и со дистрибутерите кои се активни на фармацевтскиот пазар во државата.
До каде се активностите за децентрализирање на онколошката терапија во ГОБ „8 Септември“ и во другите градови во државата каде има онколошки одделенија?
Подготовките и екипираноста на одделенијата во другите градови во државата е во надлежност на клиниките и болничките центри каде овие одделенија се лоцирани. Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, иако има дефицит на кадар од сите медицински профили, се надева дека ќе смогне сили за да помогне со експертиза од областа на онкологијата и радиотерапијата за да можат овие центри да започнат со функционирање
Кога ќе се реализира ветувањето, дел од лековите кои пациентите ги добиваат на Клиниката да може да ги подигнуваат во аптека во местото на живеење?
Работните групи во рамките на Фондот за здравено осигурување и Министерството за здравство се при крај со административната постапка за поставување на една група на лекови, инхибитори на ароматазата (анастрозол и летрозол), на позитивната листа А – така што очекуваме наскоро дека оваа група на лекови ќе може да се издава на рецепт во аптеките во местото на живеење на пациентите.
За колку проценти е зголемен буџетот на Клиниката, што ќе значи тоа за онколошките пациенти за кои е најважно навременото снабдување со лекови и дали ќе се обезбедат нови лекови и за кои видови канцер?
Условниот буџет за иновативни лекови (биолошка терапија) е двојно зголемен. Овој буџет е целосно наменски и се користи само за лекарства кои ги одобрува Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, а кои не се на позитивната листа на ФЗО, така што со последниот буџет обезбедена е достапност на седум нови лека за третман на меланом, канцер на дојка, на бели дробови, на мочниот меур и на простата. Некои од овие лекови во Македонија се достапни и пред да се достапни во земјите од нашето соседство, така што сме сигурни дека пациентите се третираат со најсовремена иновативна терапија според современите светските протоколи за третман.
Од друга страна пак регуларниот буџет на институцијата е минимално зголемен и со овој буџет е потребно да се покријат сите останати трошоци, како на пример сите останати лекови од позитивната листа на ФЗО, одржување на апаратура за радиотерапија, одржување на хигиената, плати на вработени, како и да се планира експанзија и подобрување на просторните услови.
Пациентите реагираат дека доктор на Клиниката дневно прегледува стотици пациенти кои дошле на преглед за потоа да можат да примаат терапија, а откако по неколку часа тој ќе заврши со нив, мора да прими и други пациенти кои дошле само за контролен преглед и да им се препише терапија за да можат да ја подигнат од дневната аптека. Очигледно е дека недостигаат доктори и медицински сестри на Клиниката. Имате ли конкретен план како да се надмине таквата состојба и дали има кај вас вработени приватни специјализанти или други нови вработувања?
Се разбира за да може во рамките на институцијата да се направи реорганизација на работењето, потребно е да се зајакне како кадровскиот, така и просторниот капацитет. Се надеваме дека со префрлање на претходно споменатите лекарства на аптекарската позитивна листа и децентрализација на онколошката грижа во болничките центри надвор од Скопје ќе се намали оптоварувањето на Клиниката за радиотерапија и онкологија. Пред неколку недели на Клиниката се примени четири приватни специјализанти (два специјализанти од областа на радиотерапија и онкологија и два од областа на патологијата) и по подолго време кадровски се зајакна капацитетот на Клиниката. Клиниката има потреба од зголемување на персоналот од сите профили и тоа медицински сестри, радиолошки технолози, медицински физичари, болничари, административен кадар итн.
Голем број пациенти од целата држава доаѓаат на Клиниката, чекаат со часови за преглед или контрола и за подигнување терапија. Чекалните се претесни за толку многу пациенти. Имате ли план за инфраструктурно зајакнување на Клиниката и подобрување на условите за третман на пациенти?
Во насока на подобрување на условите за пациентите, извршивме проширување и климатизација на чекалните во клиниката. Воведовме систем со бројчиња, информативни монитори и разглас, со цел да се овозможи поудобни услови и ред за пациентите додека престојуваат на клиниката.
Паралелно, активно работиме на реконструкција на одредени делови од објектот, со план некои од амбулантите и биохемиската лабораторија да бидат префрлени во пофункционални простории каде нема да се создава голема гужва. Во среднорочен период, посветено работиме и на обезбедување услови за отпочнување со реконструкција на третиот кат, кој се наоѓа во фаза на карабина повеќе од три децении.