Само 300 пациенти со дијабетес тип 1 имаат пристап до инсулински пумпи, а тоа остава огромен број други без вакви помагала кои им го олеснуваат секојдневниот живот.
Од Сојузот на дијабетичари бараат од Владатa и од министерството за здравство во јавните набавки да обезбедат поголем број на вакви уреди, со кои што полесно ќе се контролира шеќерот во крвта, но и значително ќе се намалат ризиците и компликациите од дијабетесот.
„Бараме државата да ги зголеми бројот на лица со пумпи од 300 на повеќе, до 1 000 лица најмногу годинава, според трошоците, но и сензорите да бидат од истиот тип односно од тој затворен систем. Што бараме всушност? Бараме заштита на сите деца и млади тој хибриден систем го намалува можноста за хоспитализации, бубрежни инсуфиенци итн. Заштедуваме многу средства во однос на тоа дека лицата со тип 1 нема да имаат проблеми во секојдневниот живот.“ – Димче Велев Сојуз на дијабетичари.
Министерот за здравство тврди дека во двегодишната јавна набавка веќе е зголемен бројот на инсулински пумпи, но без да прецизира колку се набавени и дали ќе бидат доволни количините за сите пациенти.
„Веќе е зголемена и оваа година, веќе набавката ќе биде за две години, а не за една година за да немаме вакви повремени недостатоци, подруго е кога има за две години набавка отколку секоја година.“ – Арбен Таравари министер за здравство.
Пред само неколку недели дел од инсулинските аптеки останаа без инсулин, заради тендерските процедури. Таравари тврди дека јавната набавка на инсулин е сега завршена, а за да не се повтори недостиг, Министерството за здравство и Националната комисија за дијабет одлучиле потребните количини инсулин да се набавуваат за две години.
Од Сојузот на дијабетичари порачаа дека набавката и достапноста на современи и квалитетни системи на инсулински пумпи за поголем број лица со дијабетес со тип 1, пред се мора да стане реалност, а не само бледи забелешки на хартија и дискусии во недоглед.