Две недели низ инсулинските аптеки во земјава има недостиг на одреден вид на инсулини и антидијабетна терапија. Пациентите се вознемирени и велат дека секојдневно се зголемува бројот на инсулини кои што не се достапни, а со ваквиот недостиг им се загрозува здравјето.
„Се нудат замени во инсулинските аптеки на оние инсулини кои што ги нема. Апелирам тоа да не се прифаќа никако. Подобро е ние да размениме од тоа резервите што ги имаме дома ,а надлежните да изнајдат начин за испорака на потребната терапија во целосни количини, затоа што се нарушува конторлата на шеќерот кај нас и се нарушува сериозно нашето здравје“, вели Диме Велев од Сојузот на здруженија на дијабетичари.
Министерот за здравство, Арбен Таравари вели дека во тек е процедурата на набавка на инсулин која наскоро ќе заврши и додава дека недостигот е само во одредени места.
„Наменската терапија е само привремено за мал број на пациенти. Многу брзо ќе има терапија низ цела територија на Македонија. Тие се во комуникација со ендокринолозите кои им даваат најдобри препораки за да се помине овој период од две недели. Се надевам дека многу скоро терапијата ќе ја има низ целата држава, рече министерот за здравство, Арбен Таравари.
Недостигот на терапија се почувстува уште пред еден месец, кога околу 250 пациенти кои користат Озенпик за намалување на високото ниво на шеќер во крвта, останаа без овој лек. Потоа се трошеа залихите и на останата терапија, па во последните две недели пациентите се соочија со недостиг на неколку видови инсулини, што им создава сериозни здравствени проблеми.