Демократската обнова на Македонија (ДОМ) ги осудува последните случувања околу оставката на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска. Обвинението за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат во случајот „Адитив“ открива длабока инфилтрација на коруптивни практики во самите врвови на институциите кои треба да бидат првиот бедем во одбраната на правната држава. Оваа скандалозна афера не само што го подрива кредибилитетот на ДКСК, туку ја потврдува потребата за итна и безкомпромисна промена на системот на контрола и отчетност.
Времето кога нашата држава требаше да го прифати мотото „Нула корупција“ беше пред 34 години, со прогласувањето на независноста. Наместо тоа, сведочиме дека децении подоцна продолжуваме да доцниме, додека младите масовно си заминуваат поради отсуството на доверба во правната држава. Ова не е прашање на партиска припадност, туку на основни човечки вредности и на историската одговорност на државата кон граѓаните.
ДОМ инсистира на итно донесување мерки што ќе обезбедат интегритет и транспарентност на сите избрани и назначени функционери: детално и доследно верификување на анкетните листи за имотна состојба, јавно објавување на судирите на интереси, автоматско суспендирање при поднесено основано обвинение и воведување независен антикорупциски инспекторат со реални санкции.
Зелената партија ДОМ го повикува Собранието да ги усвои клучните законски измени за борба против корупцијата, како и итно да формира независно специјализирано тело за проверка на интегритетот на јавните службеници и функционери. Без овие промени, сите останати декларации против корупцијата ќе останат само празна реторика.
ДОМ останува цврсто на ставот дека корупцијата не смее да се релативизира, ниту да се премолчува. Ги повикуваме сите граѓани и граѓанки, здруженија и политички партии кои веруваат во правдата и еднаквоста пред законите, да застанеме заедно, едни до други, во одбраната на правната држава и владеењето на правото. Пред да го загубиме последниот остаток на институционален кредибилитет. Пред иднината на младите засекогаш да ја побараат на некоја нова, надвор од државата, адреса.