И покрај тоа што предметот „Таргет – Тврдина“ за масовното прислушување во поранешната УБК е застарен веќе речиси две години, државата сега ќе мора да плати 85.000 евра на адвокатите на обвинетите, меѓу кои и поранешниот директор на тајната полиција, Сашо Мијалков, објави Антропол.мк
Од Кривичниот суд потврдуваат дека трошоците за постапката се пресметани, а решенијата се во изработка и наскоро ќе бидат доставени до странките во постапката.
„Имајќи го предвид јавниот интерес за предметот, ве известуваме дека пресметаните трошоци според сè уште неправосилните решенија се над 5.200.000 денари“, соопштија од Кривичниот суд.
Станува збор за предмет кој го водеше поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), а кој откри систематско и масовно прислушување на илјадници граѓани во периодот пред политичката криза во 2015 година. Иако јавноста очекуваше судска разврска и санкции за одговорните, случајот заврши без судска пресуда поради апсолутна застареност.
Дополнително, државата ќе се соочи и со нови финансиски обврски – обесштетување на жртвите од незаконското прислушување. Доколку обвинетите беа прогласени за виновни, овие трошоци ќе паѓаа на нивна сметка. Сега, целокупната финансиска тежина ќе ја сноси буџетот – односно граѓаните.
Со ова, случајот „Таргет – Тврдина“ добива нова димензија – не само како симбол на неказнивост, туку и како финансиско оптоварување за државата.