ДУИ бара итно повлекување на одлуката за именување на Петар Богојески за директор. Одлуката ја нарекува срамна и директно ја обвинува власта за одговорност за неговиот избор.
„Именувањето на личност која целата своја јавна и политичка кариера ја изгради на навреди и омаловажувања на Албанците претставува директна провокација не само за Албанците во Северна Македонија, туку и за самата европска идеја во земјата. Овој чин е јасен сигнал: навредите кон Албанците не само што не се санкционираат, туку се наградуваат и со државни функции“, рекоа од ДУИ.
Реагираше партијата Македонски концепт, чиј лидер е Богојески. Според нив, ДУИ покажува дека нивната агенда не е соживот..
„Кажувањето на вистината не е навреда за никого, дури ни за Албанците. Богојески ги напаѓа измамниците и шовинистите и се бори за целосни граѓански права за сите етнички заедници и нов граѓански Устав на државата. ДУИ е против граѓанска држава, бидејќи сака мафијашка држава за себе“, рекоа од Македонски концепт.
Коалицијата ВЛЕН вели дека има јасен став за провокациите на Петар Богоевски, кој, според нив, често ги менува позициите во зависност од личните интереси.
„… Уште една навреда за Албанците е кога ДУИ се обидува да ја промовира идејата дека евроинтеграциите на Македонија наводно зависат од таква фигура. Прашањето е зошто ДУИ, пред да се посрамоти вака, не го прашала Талат Џафери како Богојески бил државен советник во Министерството за одбрана?, прашуваат од ВЛЕН.
Од ВЛЕН велат дека и покрај пречките што ги создаде претходниот режим, ќе го реформираат системот и ќе изградат одржливи решенија за Албанците. Од партијата не одговорија дали ќе реагираат на владиниот избор на Богојески.