Пред Уставниот суд попладнево се собраа активисти на опозициската Демократска унија за интеграција, кои, како што најави партискиот функционер Арбер Адеми, ќе останат таму до 11 декември кога треба да се одржи седница за Законот за употреба на јазиците. Адеми рече дека со иницијативата „Стража на јазикот“ со деноноќно присуство пред Уставниот суд застануваат во „одбрана на Законот за јазици“.
Собрани сме тука за да го подигнеме нашиот глас за прашања што ги засега темелите на еднаквоста на нашата мултиетничка држава. Ова не е обичен ден, ниту обичен повик. Денес повеќе од кога било е моментот да останеме обединети за да го заштитиме тоа што сме го добиле со многу труд и жртвување. На 11 декември Уставниот суд има закажано седница за разгледување на уставноста на Законот за јазици кој не е само правен акт туку е симбол на Охридскиот договор и во него е втемелена јазичната еднаквост, изјави Адеми.
Според него, „укинувањето на законот значи уривање на еден од кучните столбови на Охридскиот договор, а владеачката коалиција без легимитет наместо да се работи за заедничка иднина, разденува и напаѓа“.
Ова не е прашање на обичен закон, туку е прашање за нашите права како рамноправни граѓани, нашиот идентитет и иднина како општество, нашата иднина. Охридскиот мировен договор е нашата гаранција за праведно и еднакво општество. Од денес ќе останеме тука пред Уставниот суд ден и ноќ, на мирен начин да ти заштитиме нашите права и да осигураме дека нема ниту една одлука да го уништи она што го изградивме со жртвување. Ова не е иницијатива на една политичка партија, нагласи Адеми.
Тој ги повика граѓаните од сите етнички заедници да се приклучат во иницијативата.
Ги повикуваме сите Македонци, Албанци, Турци и сите останати заедници, сите оние кои веруваат во правда и правичност, да ни се приклучат кон оваа иницијатива. Ова не е момент за пасивност, туку момент за заедничко делување. Сега е моментот да го заштитиме јазикот, иднината и нашите заеднички еднакви права , наведе Адеми.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција соопшти дека со коалицискиот партнер Вреди разговараат за Законот за употреба на јазиците, кој в среда, 11 декември, е на дневен ред на разгледување од Уставниот суд, но порача дека никој не треба да интервенира кај Судот за оваа „тековна постапка“.
Рече дека „во среда нема ништо да се случи“, затоа што пред „какво било акција“ на Уставниот суд претходат подготвителни седници.