Расте бројот на македонски граѓани со бугарски државјанства. Од 1 јануари 2007 година до 17 јуни 2025 година, на вкупно 216.594 лица со државјанство на Македонија им е издаден бугарски пасош, ја пренесува бугарската агенција БГНЕС изјавата на Даниел Митов, министерот за внатрешни работи на Бугарија.
- „Во наведениот период се издадени 216.594 пасоши на бугарски државјани за кои постои информација дека имаат и државјанство на Македонија. Добивањето бугарски пасош е основно право на секој бугарски државјанин, загарантирано со закон, и тоа може да биде ограничено само во случаи предвидени со законот“, изјави Митов.
Правната рамка која го регулира издавањето пасоши на бугарски државјани е содржана во неколку членови од Законот за бугарски лични документи (ЗБЛД), конкретно: точка 4, став 1; член 13, став 1, точка 2; член 33, став 1 и член 35, став 1.
Издавањето бугарски пасоши на македонски државјани со бугарско државјанство е пракса која со години предизвикува интерес и контроверзии во јавноста, особено поради политичките и историските односи меѓу двете земји.