Индикаторите поврзани со детското здравје се показатели за степенот на здравствен и економски развој на едно општество, на една заедница. Но тие воедно се и резултат на организирана и системска акција, збир на мерки и здравствени интервенци, планирани здравствени политики, планирани и реализирани, долгорочно. Перинаталната смртност е индикатор кој многу говори за состојбите во кои се наоѓа здравствениот систем, но проекциите му се проспективни, а не моментални.
Врз перинаталната смртност влијае квалитетот на атенаталната, перинаталната и постнаталната здравствена заштита, степенот на подготвеност на примарната, секундарната и терцијарната здравствена заштита. А тоа не се постигнува преку ноќ. Денес одбележувајќи го денот на предвремено родените деца, мора да истакнеме дека оваа тема не трпи импровизација. Денес се соочуваме со зголемување на бројот на предвремено родени деца. Годините, што претходната влада ги пропушти и ја маргинализираше темата денес не соочува нас со бројки кои се далеку од посакуваните.
Епидемиолошките поместувања се јавуваат кога во општеството се случуваат големи промени во здравствената структура. Индикаторите се показатели на кумулативни ефекти, на мултисекторски пристап на проблемите, на сеопфатност на целата територија, но никако не, на само еден чинител. Не чека голема работа. Ажурирање на Стратегијата за безбедно мајчинство. Унапредување на Стратегијата за сексуално и репродуктивно здравје.
Јакнење на Центрите за сексуално и репродуктивно здравје. Јакнење на Примарната здравствена заштита, преку мотивирање на матичните гинеколози за унапредување на антенаталната здравствена заштита. Достапност на младите до информации за квалитетно и безбедно мајчинство. Достапност до сервиси за безбедно мајчинство.
Јакнење на Поливалентната патронажна служба. Поливалентната патронажна служба е комплексна служба со посветени здравствени работници кои еден цел век се посветени на репродуктивното здравје на жената и на семејството во целост. Условите во кои работат патронажните сестри во здравствените домови, за жал се многу уназадени, особено последниве години, кога патронажните сестри беа оставени на маргините, кадровски и со опрема.
Ажурирање на Регистрите за бременост и раѓање, Регистрите за репродуктивно здравје. Теренски активности со едукација, особено во периодот пред бременост и во првиот триместар од забременувањето. Промоција на здрави животни стилови кај бремените.
Информираност и достапност до скрининг програмите. Повеќе финансии за Програмата за активна здравствена заштита на жените и децата во Македонија.Финансирање на скрининг Програмите. Јакнење на капацитетите на Заводот за здравствена заштита на мајките и децата.
Лидерска улога на Институтот за јавно здравје и Клиниката за гинекологија и акушерство со акции од областа.
Пишува: Спец. Д-р Јасминка Дамческа