Европската комисија денеска го отфрли тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека украинскиот претседател Володимир Зеленски е неизбран диктатор.
„Претседателот Зеленски е легитимно избран на слободни, фер и демократски избори. Украина е демократија, Русија на Путин не е“, изјави портпаролот на Комисијата Стефан де Керсмакер на прес-конференцијата, пренесува Хина.
Портпаролот додаде дека ЕУ стои на ставот дека не може да има решение за Украина, „без вмешаност на Украина и на Европската унија, бидејќи безбедноста на Украина е и безбедност на Европа“.
Американскиот претседател Доналд Трамп го нарече Зеленски „неизбран диктатор“, го обвини дека одбива да спроведе избори и дека неговиот рејтинг е само 4 отсто.
Изборите во Украина не се одржаа бидејќи земјата е во воена состојба. Тврдењето за низок рејтинг го поби последното истражување, според кое Зеленски има рејтинг на популарност од над 50 проценти.
Тој, исто така, го обвини Зеленски дека влегол во војна која не може да ја добие и „никогаш не може да се победи“ и дека без него и САД тој конфликт не може да се реши.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во понеделник треба да отпатуваат за Киев на третата годишнина од руската инвазија на Украина, јави ДПА.