Независниот синдикат на професионални војници поднесе кривична пријава против поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска поради основано сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик. Оттаму го повика и актуелниот министер Владо Мисајловски на социјален дијалог за решавање на проблемите на професионалните војници.
Како што информираше претседателот на Синдикатот на професионални војници Александар Насковски на прес-конференција пред ОЈО Скопје, Петровска во периодoт од 1 декември 2023 до 28 мај 2024 година го сопрела функционирањето на Синдикатот спротивно на Законот за работни односи, ја сопрела уплатата на членарината спротивно на Колективниот договор на МО и го замрзнала членството и со сето тоа, како што нагласи, го спречила синдикалното движење и неговото работење за подобрување на правата на припадниците на Армијата.
„Како моментално најкорумпирана институција во која за период од девет месеци се направија три фалсификати од страна на криминалната група е Министерството за социјална политика, демографија и млади. Овие фалсификати ги потпишаа три различни министри и се спроведоа во Министерството за одбрана. Тој криминал е наследен од претходниот министер и трае и до ден денеска во рамки на МО“, изјави Насковски.