Еко Логистик Сервис (ЕЛС), водечкиот логистички и поштенски бренд во Македонија, отвора можност за соработка со локални претприемачи преку франшизен модел на работа. Компанијата е во потрага по партнери кои ќе управуваат со канцеларии и хабови низ градовите во земјата, од каде граѓаните ќе можат да ги подигнуваат своите пратки.
Со зголемениот наплив на пратки што компанијата го забележува во последниот период, а особено во делот на меѓународните пратки, од ЕЛС велат дека ова е совршена можност за сите претприемачи кои сакаат да станат дел од докажаниот бренд.
„Во последниов период сведоци сме на значителен пораст на пратките, што претставува нова можност за развој на мрежата на ЕЛС. Сакаме да ги прошириме нашите капацитети со нови партнери кои ќе го препознаат потенцијалот и придобивките од оваа соработка,“ велат од компанијата и додаваат дека заинтересираните претприемачи можат да поднесат апликација на официјалната веб-страница на ЕЛС, на info@els.mk или да се јават на 076/234-926.
ЕЛС е ексклузивен доставувач на Али Експрес за Македонија, што дополнително го зголеми и обемот на работа, со што се отвори и можноста за отворање поголем број хабови. Со оглед на стабилноста на компанијата која е водечки бренд на пазарот, ова би значело можност за бизнис со минимален ризик и побрз поврат на инвестицијата.
Во моментов, ЕЛС располага со 40 хабови кои се под франшиза и кои во последнава година поради огромниот наплив на пратки, двојно го зголемија својот приход и бројот на доставени пратки.
Компанијата има речиси 75% пазарен удел во пратки за кореспонденција и 62% во пакетските услуги. ЕЛС обезбедува целосна техничка и логистичка поддршка за успешна работа, вклучувајќи системи за следење на пратките, обука за персоналот и оптимизација на процесите.