Скопски Пазар на Фатмир Етеми и Ацо Дудлоски станаа најголеми акционери во компанијата Македонија Турист која што ги поседува хотелите Холидеј Ин, Бест Вестерн, Карпош, комплекс во Сарај и затворените хотели Бристол и Јадран во познатата Арапска Куќа.
Според објавата на Македонска берза, во изминатите денови Скопски Пазар имал уште неколку купувања на акции во „Македонија турист“ и сега вкупно има над 86 илјади акции односно 19,05% удел во големата туристичко-хотелска компанија.
Најмногу акции, по над 10 илјади, оваа недела имаат купено Промедика ДООЕЛ и Симеон Павлов. Промедика стигна до 11,08 % удел во компанијата, додека Павлов до 10,47%. Берзата информира и дека фирмата Чеза Комерц има удел над 5 проценти од „Македонија турист“.
Последните недели е интензивирано купувањето на акциите на фирмата, а досегашниот сопственик Доне Таневски и неговите блиски роднини и соработници ги продадоа акциите.
На тој начин Етеми преку Скопски пазар стигна до најголем акционерски удел.