Новата бугарска влада одбива да преговара со Македонија за олабавување на условите под кои Скопје може да ги почне преговорите за членство во ЕУ, наведува бриселскиот портал „Еурактив“.
Во текстот е наведено дека пред три години Бугарија и Македонија постигнаа договор со посредство на Франција за меѓусебни отстапки за деблокирање на процесот за европска интеграција на Западен Балкан. Владата во Скопје се согласи да го вклучи бугарското малцинство во својот Устав, а властите во Софија ветија дека ќе го укинат ветото за почеток на преговорите со Македонија.
„Еурактив“ понтаму ја пренесува изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски дека се чека на избор на редовна влада во Софија за да почнат преговори за укинување на бугарското вето. Првите сигнали од бугарска страна, се додава во текстот, се дека нема да има обнова на дијалогот.
Според бугарската страна, вклучувањето на бугарското малцинство во Уставот на Македонија не е билатерален проблем, туку е услов на Брисел кон Скопје. „Еуроактив“ пренесува и изјава на бугарски министер, кој вели дека се работи за т.н. француски предлог, кој беше усвоен со европски консензус и земјата строго ќе се држи до тоа.