Во Министерството за правда денеска се отвори канцеларијата на Комисијата за паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство.
Отворањето на канцеларијата доаѓа 17 месеци откако стапи на сила Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство кој е донесен кон крајот на 2022 година, а почна да се применува во мај 2023 година. Комисијата како независен правен субјект е формирана во февруари годинава.
Целта на овој закон е да се обезбеди паричен надоместок на жртвите од кривични дела сторени со насилство како помош од страна на државата, согласно со начелото на општествена солидарност и да се спречи секундарна виктимизација како дополнително страдање што жртвите можат да го претрпат од односот на надлежните органи – рече министерот за правда Игор Филков.
– Согласно националната стратегија на РСМ за борба против тероризмот и акцискиот план предвидено беше компензација на жртвите од кривично дело со насилство. Истото беше предвидено и во Стратегијата за реформи во правосудниот систем во периодот од 2017 до 2022 година и истиот се имплементираше во домашното законодавство со носење на Законот за паричен надоместок. Согласно овој Закон се уредуваат сите прашања во врска со условите, постапката, начинот на обезбедување на парични средства за исплата на жртвите од кривично дело насилство, регулиран е составот, изборот, мандатот на членовите на Комисијата како и нивната надлежности и сите други прашања – рече претседателката на Комисијата, Цветанка Периќ.
Во претходниот период Министерството за правда презеде активности од административно – технички и од правен карактер со цел да отпочне со работа Комисијата и очекувањата се дека во наредната седмица веќе ќе има резултати.
Согласно Законот, право на паричен надоместок имаат жртви кои се македонски државјани, но и странски државјани и лица без државјанство кои во времето на извршување на кривичното дело престојувале на територијата на државава. Исто така, право на надоместок имаат и жртви на трговија со луѓе и трговија со дете.