Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за исплатите за трошоците на општините за забавни манифестации.
Истражувањето покажа дека:
Само од јануари до октомври годинава, општините потрошиле на пејачи и на други забавувачи 961 илјада евра. До крајот на 2024 година, се очекува дека сумата ќе надмине еден милион евра.
Лани, за оваа намена се потрошени 1 милион и 11 илјади евра.
Најскапо платена, годинава, е Северина, за која Крива Паланка платила 25 илјади евра.
Сепак, годинава најмногу вкупно пари добила Јелена Розга – 42 илјади евра, за два настапи, во Берово и во Штип.
Лани, најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Штип добил скоро 26 илјади евра.
Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес.
Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавни набавки.
Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставија податоци.
Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување на некои празници (Нова Година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.) ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра, секоја година. Притоа, ова се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци, се наведува во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.