Како на време да се открие рак на дојка или на грло на матка за да има шанси да се победи во битката за живот, кога на државно со месеци нема термин за снимање, а и да се најде, ќе поминат месеци за да се добие резултат?
Ова прашање се поставува особено по извештајот на Државниот завод на ревизија за 2023 година во кој се нотира дека скрининзите за рана детекција за кои се трошат пари, се прават бесцелно, или народски кажано „за џабе“, бидејќи на пример, за откривање на рак на грло на матка од 2023- тата, Министерството не знае ниту колку жени се поканети на прегледите, а ниту кај колку од нив е дијагностициран канцер, а и околу една третина од оние кои направиле ПАП тест, воопшто не ни добиле резултат, објави Канал 5.
Во извештајот стои негативна оценка и за скринингот на рак на дојка. Се нотира дека потенцијалните малигни заболувања не можат да се откријат на време ако околу 70% од тестираните, резултати чекале повеќе од месец.
Од Здружението „ХЕМА – ОНКО“, велат дека не може да има борба со канцерот на дојка без соодветна скрининг програма. Во скринингот мора да биде вклучена целата популација, а на државата, неоходна и е долгорочна стратегија, вели Ана Марјановиќ.
-Нема борба против канцерот на дојка кој е во подем без соодветна скрининг програма.
Ние се бориме ехо прегледите да бидат задолжителни од триесеттата година, а мамографијата да биде задолжителна од 35-тата година. Додека не се направи долгоречен план и следење пет до десет години скрининг програма која ќе трае, резултатите од скрининг програми нема да се видат. Во нашата земја има и втор проблем кој се појавува со приватното здравство, што не е дел од целокупната скрининг програма.- Ана Марјановиќ.
Голем број од пациентките се принудени да одат на приватно бидејќи на државно вообичаено, особено во Скопје, нема термини. Во дел од специјалнистичките ординации кои се приватни само за ехо ќе платите 3.000, а мамографија посебно е 4.000 денари.