Премиерот Христијан Мицкоски очекува идната недела да се одржи состанок со Македонската банкарска асоцијација за унгарскиот заем. Тој ќе настојува да присуствува на состанокот.
Одговорајќи на новинарски прашања по увидот во градежните работи на три делници кај Велес, Мицкоски нагласи дека компаниите нема да имаат поголем трошок од оној што веќе бил кажан.
-Компаниите нема да имаат поголем трошок од тој што го кажавме. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е на пат за Скопје, се враќа од Брисел каде имаше серија состаноци. Но, важно е да се каже дека очекувам во текот на следната недела, во втората половина, да имаме состанок со Македонската банкарска асоцијација. Ќе инсистирам и јас да бидам таму, да го кажам тоа што мислам дека треба да го кажам, рече Мицкоски.
Пред три дена, премиерот во изјава за медиумите рече дека парите од унгарскиот заем се стигнати, но уште се преговара со комерцијалните банки околу тоа каква би била обрвската на државата кон нив. Домашните компании, подвлече тогаш Мицкоски, ќе ги добијат средствата под истите услови под кои беа земени.