Владата на ВМРO-ДПМНЕ прави класична распродажба на националните ресурси од македонската енергетика, кажа денеска на прес-конференција, Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
„Иако Владата го претставува ветерниот парк на „Алказар“ како историска инвестиција – фактите говорат нешто сосема поинаку. Моделот на „Алказар Енерџи“ е јасен: развиј, изгради и продади. Токму тоа се случи со нивниот прв фонд – проектите развиени на Блискиот Исток беа продадени 100% на кинески државен конзорциум“, вели Илиевски.
Според него, „прашањето не е дали ветерниот парк ќе биде продаден, туку кога и на кого“.
„Кој е вистинскиот бизнис интерес на Мицкоски? Дали тука се вклучени и контроверзни имиња од регионот, добро познати од трговијата со струја? Дали со нив соработувал тандемот Мицкоски – Божиновска? Пред една година од ВМОР-ДПМНЕ тврдеа дека паркот ќе обезбеди струја за 100.000 граѓани. Сега Мицкоски смени лента, од собраниска говорница најавува дека странска компанија ќе ја откупува струјата. Па, кого навистина ќе снабдува овој проект – народот или приватниот купувач? Зошто бизнис модел кој се темели на продажба се претставува како долгорочно стратешко партнерство?“ истакна меѓудругото потпретседателот на СДСМ, Илиевски.