Во објавата на социјалната мрежа Икс, Маск посочи дека ќе одржи серија разговори низ Пенсилванија. Пенсилванија се смета за клучна држава и за Трамп и за Харис во трката за Белата куќа
Илон Маск ѝ дал околу 75 милиони долари на својата организација која се бори за победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД.
Америка ПАК (Политички акционен комитет) се обидува да ја зголеми излезноста на гласачите кои ќе го поддржат Трамп на изборите во клучните сојузни држави, а во периодот од јули до септември потрошила околу 72 милиони долари, покажуваат податоците доставени до федералната изборна комисија.
Тоа е повеќе од кој било друг ПАК што сака да го мотивира одѕивот на поддржувачите на Трамп. Кампањата на Трамп во голема мера се потпира на надворешни групи за мотивирање на гласачите, што значи дека Супер ПАК основан од Маск – најбогатиот човек на светот – игра извонредно важна улога во изборите меѓу Трамп и Камала Харис.
Во објавата на социјалната мрежа Икс, Маск посочи дека ќе одржи серија разговори низ Пенсилванија. Пенсилванија се смета за клучна држава и за Трамп и за Харис во трката за Белата куќа.
Маск, кој изјави дека гласал за демократските претседателски кандидати во минатото, на овие избори направи остар пресврт надесно. Тој го поддржа Трамп во јули и се појави со него на митинг во Пенсилванија претходно овој месец.
Донациите на Маск за Америка ПАК го туркаат во ексклузивниот клуб на републикански мега-донатори, листа на која се и банкарскиот наследник Тимоти Мелон и Миријам Аделсон, сопственичка на казино и најбогатата личност со израелско државјанство.
Меѓутоа, претходно овој месец беше објавено дека Маск тајно финансирал конзервативна политичка група со години, долго пред јавно да го поддржи Трамп.