За подмирување на сметките за струја и други енергенси, граѓаните со ниски примања и годинава ќе добиваат помош од државата.
од Владата информираат дека Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година сè уште е во нацрт, а се предвидуваат неколку мерки.
„Главната директна мерка е субвенцијата од 1.000 денари месечно за намалување на сметките за електрична енергија, која се однесува на домаќинства кои ги исполнуваат критериумите утврдени во Програмата. Основната цел на Програмата е да обезбеди поддршка за домаќинствата кои се идентификувани како ранливи потрошувачи на енергија кои ќе треба да ги исполнат дадените критериуми за помошта“, велат од Владата, пренесе Плусинфо.
Во категоријата ранливи потрошувачи на енергија се вклучени домаќинства што користат гарантирана минимална помош, семејства со низок доход и други социјално ранливи категории.
Конечната верзија на Програмата ќе биде разгледана на тематска седница на Владата, па велат оттаму, можно е да има и дополнително проширување на мерките или нивно дооформување.