Кало де Моро, некогаш недопрен и скриен залив на Мајорка, сега е симбол на уништувачкиот ефект на масовниот туризам поттикнат од социјалните мрежи. Оваа плажа, која стана вирална на Instagram и TikTok поради својата природна убавина, денес е прекриена со ѓубре, толпи и огорченост.
Наместо олеснување на туристичкиот метеж, стратегијата на властите минатото лето да ги испратат инфлуенсерите во помалку познати зони резултираше со спротивен ефект: Кало де Моро беше преплавена со илјадници посетители дневно, оставајќи зад себе купишта отпад и ерозија на песочниот брег – дури шест тони песок исчезнуваат секои три месеци.
Локалните жители се побунија. Над 300 демонстранти се симнаа во заливот со порака „Не ги окупирајте нашите плажи“. На паркинзите се делеа летоци, а мештаните физички ги запираа туристите, повикувајќи ги да си заминат. Дел од демонстрантите користеа транспаренти, други – остар тон. „Одиме, денес ние ќе уживаме“, им порачуваа на туристите.
Ги видов сликите на TikTok и сакав да дојдам, но сфативме дека мештаните протестираат. Нема проблем, ќе најдеме друга плажа“, рече Украинката Кристина Вашченко, една од многуте изненадени посетителки.
Властите реагираа – фотографиите на плажата беа отстранети од официјалните страници. Но штетата е веќе направена. Локалците велат дека туристите ја претвориле плажата во депонија, оставајќи отпад на непристапниот терен, премногу мрзеливи да го однесат назад со себе.
Овој залив е само еден пример за поширокото незадоволство што расте низ Шпанија. Илјадници излегоа на улиците на Мајорка, Барселона и други градови, протестирајќи против моделот што ги претвора нивните домови во декор за „лајкови“ и профит на туѓа сметка. Пораките се јасни: „Туристи, одете си дома“, „Барселона не е на продажба“ и „Нашите плажи не се ваше сметлиште“.