Криминална група од Македонија изработувала фалсификувани лични карти, во кои биле злоупотребувани личните податоци на македонски граѓани и биле „лепени“ фотографии од луѓе од Бугарија и Србија, после што на нивно име земале брзи кредити, открива најновиот документарец на „Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ)“ со наслов „Украдени животи“. Групата со истите такви фалсификувани лични карти, отворала и банкарски сметки на име на граѓаните и тоа во помали банки. Една од жртвите на криминалната шема која е разоткриена во овој документарец, во еден момент имала 7 кредити на свое име, иако никогаш не подигнала ниту еден и сметката ѝ била блокирана од извршител со запирање на една третина од платата.
Во документарниот филм се открива дека постоеле фиктивни фирми во кои биле вработувани па експресно одјавувани ранливи категории граѓани (лица со телесна и психичка попреченост, лица што не живеат во Македонија) – кои што сите имале нешто заедничко, а тоа е дека на нивно име биле подигани брзи кредити од финансиските друштва во Македонија и тие фигурирале како должници, иако како што се гледа од посетата во нивните домови, некои од нив не биле способни ниту да се прехранат.