Летото и високите температуро го зголемуваат ризикот од појава на цревни инфекции, кои се пренесуваат преку храна и вода. Оттука, Институтот за јавно здравје направи неколку упатства за граѓаните за успешна превенција на болести кои се пренесуваат преку храна и вода.
Навремената превенција, правилната термичка обработка и чување на храната, како и употребата на безбедна вода, се клучни за намалување на ризикот од овие заболувања.
Заболувањата кои се пренесуваат преку храна и вода (food and water borne diseases), всушност настануваат после внесување во организмот на човекот, храна или вода која е контаминирана со инфективни или токсични агенси. Во речиси 90% од случаите, овие заболување ги предизвикуваат бактерии, но можат да бидат предизвикани и од други инфективни агенси (вируси, паразити). Најчести заболувања се:
- Салмонелоза (Salmonella enteritidis) – честа при консумирање на недоволно термички обработени јајца, месо или млечни производи.
- Акутна алиментарна интоксикација (Staphylococcus aureus) – честа во лето, кога високите температури овозможуваат побрзо размножување на бактеријата и зголемено производство на ентеротоксини во храната од животинско потекло.
- Кампилобактериоза (Campylobacter jejuni) – најчесто преку сурово или недоволно печено пилешко.
- Инфекции со Escherichia colli особено ентерохеморагична инфекција (EHEC) – преку недоволно обработено месо, свежо млеко и зеленчук.
- Шигелоза и тифусна треска (Shigella spp., Salmonella typhi) – се пренeсуваат преку контаминирана вода и нечисти раце.
- Хепатитис А – преку загадена вода, овошје, зеленчук или школки.
- Норовируси и ротавируси – предизвикуваат гастроентеритис и се шират преку загадена храна, вода и преку контакт со предмет или заразено лице.
- Амебијаза и џардијаза – преку загадена вода или сурова храна.

Најчести симптоми кои може да се јават после консумирање на храна и вода со сомнителна здравствена исправност се: повраќање, проливи, покачена телесна температура, главоболка и вртоглавица, нарушена ресорпција на хранливи материи, болки и грчеви во стомакот, како и придружни инфекции на други органи. Се јавуваат веднаш или многу брзо по конзумирање, така ќе знаете дека се работу за популарно наречено труење со храна.
За да не настануваат вакви состојби, не ја чувајте храната на собна температура затоа што овозможува размножување на бактериите и лачење на нивните токсини, и тоа не може секогаш да е во наша контрола.
Но затоа секој индивидуално ги контролира – сопствената хигиена : на рацете, просторот кадешто се подготвува храна, тоалетите, заштитете ја храната од прелет или одмор на инсетите. Правилната подготовка на храната е еден од начините за заштита – на пример не се препорачува земање на сирова, термички необработена храна, свежиот зеленчук и овошје треба да се мијат под силен млаз на вода , храната треба да се чува во разладни уреди – фрижитери, за да се спречи размножувањето на бактериите и лачењето на нивните токсини. Но истовремено, хигиената на фрижитерот или друг вид разладен уред треба да е на многу високо ниво.