Уапсениот Зоран Д., кој е вработен во Народна банка, а вчера беше приведен под сомнение дека го зел и уништил ранецот во кој, според обвинетиот Велибор Манев, бил сокриен пиштолот со кој се извршени бруталните ликвидации на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сè уште се наоѓа во полициска станица, објави Скопје 1.
Неговиот исказ пред надлежните органи сè уште не е обелоденет, а Обвинителството посочува дека повеќе информации за текот на постапката ќе бидат соопштени во текот на денот.
Оваа разврска следи по шокантното сведочење на Велибор Манев во кое го спомена името на сега уапсениот. Претходно, на три рочишта во судскиот процес изјавуваше дека знае кој добил задача да го крие оружјето со кое е извршен двојниот масакр. И покрај овие тврдења, Обвинителството со месеци не нареди спровод на Манев за да направи распит, што отвори сериозни прашања за начинот на водење на истрагата.
Вчера, откако Манев јавно го именуваше Зоран Д. како лице што го презело и наводно уништило ранецот, истиот беше уапсен. Случајот дополнително ја вжешти јавноста, која со месеци бара одговори за тоа како оружјето не е лоцирано, иако обвинетиот упорно тврди дека знае детали.