Кај 70-80 отсто од угостителските објекти имало огромни неправилности. Владата крои акциски план за да прогласи мораториум за да се отстранат сите тие неправилности за оние кои сакаат да продолжат со дејноста со која што функционирале. Премиерот вели дека се работи за пракса која постоела со години наназад.
Училиштата, градинките, спортските сали, домовите на културата, јавните установи низ државава се безбедни. Досега биле исконтролирани 90% од нив, а надзорите се уште траат – информираше претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, Орце Ѓоргиевски.
Општинските инспектори во соработка со државните инспектори се на терен и ги „чешлаат“ кафулињата, рестораните. Кај оние кадешто биле воочени неправилности, биле дадени опомени да ги отстранат во период од еден месец. Најголем дел од прекршителите биле угостителските објекти со проширени тераси. Следни на ред се и станбените згради, кадешто најголем проблем е тоа што немаат хидранти, црева, олеснет пристап до алтернативен излез и друго.
Не е тајна дека општините кубурат со инспекциски кадри. Поради обемните контроли, тие меѓусебе си ги позајмуваат инспекторите. Има општини кадешто нема градежни инспектори, а ретко која општина има и инспектори за домување. Проценките се дека во цела држава има недостаток од 40-тина градежни инспектори. Ѓоргиевски вели дека ќе направи притисок до Министерството за финансии овие вработувања да се реализираат.
На критиките дека локалните власти не ги контролирале објектите пред да се случи трагедијата во Кочани, Ѓоргиевски вели дека тоа не е точно. Редовно се проверувале училиштата и градинките. Инаку, и покрај тоа што истекоа 7-те дена на жалост, во ЗЕЛС донеле заклучок до сите градоначалници да ги откажат јавните забавни настани кои биле планирани од страна на локалните самоуправи. Еден од предлозите е во чест на младите лица кои ги изгубија своите животи, да бидат засадени дрвја низ државата и на тој начин да се оддаде почит кон нив.