Кинеските научници создадоа нов вид бактерии способни истовремено да разградат пет вида органски загадувачи во индустриски отпадни води со висока соленост, објави денес Синхуа.
Иако одредени природни микроби можат индивидуално да разградат некои од овие загадувачи, нивната ефикасност е ограничена, при што секој сој обично таргетира само еден или два специфични загадувачи. Доколку овие микроби се најдат во средина со мешани загадувачи како што се нафта, тешки метали или радиоактивни супстанции, природните микроорганизми честопати се покажуваат како неефикасни.
Истражувачкиот тим користел техники на синтетичка биологија за да создаде сој на бактерии со модуларни метаболички патишта.
Со интегрирање на пет вештачки патишта на деградација во една бактерија, научниците овозможија истовремена деградација на бифенили, феноли, нафталин, дибензофурани и толуен – репрезентативни ароматични загадувачи. Во рок од 48 часа, експериментот постигна повеќе од 60 проценти отстранување на сите пет целни загадувачи, со целосна деградација на бифенилот и речиси 90 проценти стапки на деградација за комплексни соединенија како толуен и дибензофуран. „Оваа генетски модифицирана бактерија има значаен потенцијал за примена во животната средина, вклучувајќи санација на излевање на нафта, реставрација на индустриски локации, па дури и биоразградување на микропластика“, рече научникот Даи Џунбјао.