Трите најголеми политички групи во Европскиот парламент го поддржаа предлогот да се отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од извештајот за Северна Македонија, потврдува бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев по пишувањата на бугарските медиуми.
Тој рече дека на барање на групата на Европската народна партија (ЕНП), трите најголеми политички сили во Европскиот парламент – ЕНП, Социјалдемократите (С&Д) и Обнови ја Европа (Либералите) – синоќа се согласиле да ги отстранат сите референци на „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија.
Очекувањата се дека на пленарната седница следната недела мнозинството во Европскиот парламент ќе го поддржи овој амандман.
Ковачев истакна дека за темите за идентитетот и јазикот нема место во извештај за напредокот на земја-кандидат за членство во Европската Унија, бидејќи тие само водат кон поделби и отворање на Пандорината кутија.
Додаде дека целта на власта во Скопје е, пред локалните избори, да прикажат некаква „неверојатна триумфална победа над источниот сосед“.
Ковачев рече дека Република Македонија треба да го почитува потпишаниот договор со Бугарија и да ја деблокира работата на историската комисија, бидејќи тоа е местото каде треба да се дискутира за заедничката историја, како што е утврдено во договорот.
Тој изрази благодарност до сите колеги од сите политички групи во Европскиот парламент, особено до бугарските, за единствената позиција по ова прашање.
Премиерот Христијан Мицкоски, претходно денеска го опиша бришењето на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ подеднакво лошо како и обидите да се стави придавката „модерен“ пред јазикот и идентитетот.
Рече и дека уште еднаш се покажало и се докажало на јавната сцена оти не се работи за само неколку стотини Бугари во Уставот, туку е многу, многу подлабоко. Тој побара да се извинат сите што досега убедуваа дека ако само се смени Уставот, нема да имаме проблеми.
Мицкоски рече и дека бришењето на македонскиот јазик и на идентитетот од извештајот е направено на талибански начин.
Извештајот треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент на 8 јули, а бугарските европратеници очекуваат поддршка од мнозинството за овој амандман.
Владата во мај годинава како голема победа на македонската дипломатија го претстави спомнувањето на македонскиот јазик и на идентитетот на четири места во извештајот за напредокот на земјата. Уште една победа нашата Влада прогласи кога нацрт-извештајот помина на комисија без измени и покрај барањето на бугарските европратеници пред македонскиот идентитет и пред јазикот да стои зборот „модерен“.