Кенан Абди, скопјанец кој досега дарувал крв повеќе од 20 пати, сподели на социјалните мрежи искуство што го стави во дилема дали ќе продолжи со дарувањето крв. Според неговото сведочење, секогаш дарувал во болницата „Даре Џамбаз“ и користел бесплатен паркинг, кој се обезбедува за крводарителите преку СМС пораки.
„До сега имам дарувано над 20 пати крв. Речиси секогаш дарувам во „Даре Џамбаз“ и се паркирам на паркингот пред самиот влез. Тие пуштаат СМС и така паркингот е бесплатен за крводарителите. Но, претпоследниот пат, во февруари, дарував на истото место, но заради големата гужва, заборавиле да пратат СМС“, раскажува Кенан.
По последното дарување во февруари, Кенан добил казна од Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ бидејќи СМС пораката не била испратена. Тој се обратил на шалтерот на Транспортниот центар, каде му рекле дека треба да оди во дирекцијата.
„Излегов, ја гледам казната, разговарав со нив и ми рекоа да одам во дирекцијата. Таму ми рекоа да поднесам жалба и ако приложам потврда за дарување крв, ќе ја прифатат жалбата како хуман гест“, додава тој.
Но, наместо прифатена жалба, тој добил налог од изврвшител на износ од 8235 денари, кој вклучува казна и трошоци за извршување.
„Не само што ме одбиле, туку на адресата ми доставија налог од извршителот. Како можеле вчера навечер да го донесат директно на врата?“, прашува Кенан, кој ја критикува институцијата и вели дека извршителите се „рак-рана на општеството“.