„Имидаклоприд“ кој го најдоа хрватските власти во македонската зелка е синтетички пестицид од класата на неоникотиноиди, познат по својата висока токсичност за инсектите. Ова соединение функционира како невротоксин, кој ја нарушува нервната активност на штетниците, но истовремено има значителни штетни ефекти врз животната средина, здравјето на луѓето и корисните инсекти, како што се пчелите.
Хрватските власти неодамна алармираа за присуство на „Имидаклоприд“ во свежа зелка со потекло од Северна Македонија. Иако пестицидот е забранет повеќе од пет години, лабораториските тестови потврдија негово присуство при контрола на граничен премин. Случајот повторно го отвора прашањето за безбедноста на храната и заштитата на здравјето на потрошувачите.
Овој пестицид е забранет во Европската унија поради неговите сериозни штетни ефекти врз здравјето, кои се временски кумулативни. Според научните истражувања, „Имидаклоприд“ предизвикува, штети врз срцето, мозокот, бубрезите и тироидната жлезда. Исто така невролошки и респираторни нарушувања при долготрајна изложеност, опасност за пчелите и другите корисни инсекти, што влијае на екосистемот.
АХВ потврди дека е известена преку европскиот Систем за брзо предупредување за храна. Според информациите, Хрватска детектирала „Имидаклоприд“ во свежа зелка со потекло од Северна Македонија. Лабораториските тестови на граничниот премин го потврдиле присуството на овој забранет пестицид, а инспекциските служби на АХВ ќе спроведат истрага за поврзаноста помеѓу увозникот и производителот, а контаминираната зелка ќе биде уништена.
И покрај забраната, постојат сомнежи дека „Имидаклоприд“ е достапен на црниот пазар и се користи во одгледување на зеленчук за домашен пазар. Ова го отвора прашањето за строгата контрола на употребата на пестициди и заштитата на здравјето на граѓаните.