На телевизија 24 во емисијата „Анализа“ гостуваше градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски кој на самиот почеток дискутираше за извештајот на Македонија во Европскиот парламент.
„Ако се сеќавате можеби десетина години наназад, ВМРО-ДПМНЕ постојано аргументираше по основа на тоа дека се што е поврзано со Бугарија, мора да се дискутира со одредени нивни гаранции за во иднина бидејќи нема да биде само уставните измени туку ќе се јавуваат вакви прашања како ова, бидејќи нивната болка не се тие да бидат во Уставот туку нивната болка е да го негираат нашиот идентитет“, рече Костовски.
Во врска со унгарскиот кредит и помошта од страна на државата спрема општините, Костовски истакна дека од првиот повик веќе поголемиот дел од проектите се завршени, и наброи неколку од нив.
„Од првиот повик имавме добиено 100 милиони денари, сега нешто над 300 милиони денари, по однос на првиот повик речиси скоро 100% се завршени проектите. Имавме доградба на речното корито на река Серава, во завршна фаза е патеката посебно аплициравме, ова е проект којшто можеби 30тина години граѓаните го бараат, и во сериозна фаза е изградба на паркот во населба Радишани којшто ќе се простира на 10.000 м2 нешто што Општина Бутел го немаше“, објасни Костовски.
Во врска со вториот повик, Костовски рече дека очекува да бидат одобрени сите проекти за Општина Бутел по основ што биле исполнети сите потребни критериуми.
„По однос на вториот повик, верувам дека ќе бидат одобрени сите проекти бидејќи согласно процедурата којашто ја налагаше Владата сите критериуми се исполнети. Тука влегуваат голем број на сериозни проекти меѓу кои носечкиот е конечно Бутел да добие свој плоштад и на самиот плоштад ќе има еден убав културен дом. Затворен базен во Радишани, имаме два моста коишто се и те како потребни на реката Серава, две фасади на нови основни училишта, голем број на патна инфраструктура. Овие работи коишто ги набројуваме, верувам дека ќе беа мисловна именка доколку овој кредит на постоеше“, дециден е Костовски.