Апелациониот судија Енвер Беџети, покрај Артан Груби од ДУИ, е меѓу 14-темина на новиот црн список на Американскиот Стејт Департмент со луѓе и нивни блиски семејства на кои им е забранет пристапот до САД.
Тој го привлече вниманието во јавноста кога Судскиот совет отиде во контрола во судот каде што тој работеше и утврди дека тој 9 месеци го чувал предметот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше Сашо Мијалков, да застари.
Беџети тогаш беше осуден на парична казна, 20 проценти од платата во времетраење од 6 месеци. Судскиот совет констатираше дека нема образложени причини зошто предметот за масовното незаконско прислушување познат како „Тврдина-Таргет“ судијата – известител Енвер Беџети од Апелациониот суд Скопје не го ставал 9 месеци на одлучување. Со тоа се создадени услови овој предмет од многу висок јавен интерес да застари и да се затвори.
Под притисок на јавноста, претседателката на Судскиот совет Весна Дамева го стави на дневен ред случајот со заробениот предмет „Тврдина-Таргет“, но не само тој, туку и „Транспортер“ каде обвинет беше поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талески, кој предмет, пак, Беџети го чувал три години во фиока и не го ставал на одлучување.
Енвер Беџети е кадар на ДУИ. Додека го штитеше партијата, тој го запиша синот на Академија за судии и јавни обвинители и денес тој е избран и работи.
Енвер Беџети фигурира и како предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.