Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, денеска го претстави успешното завршување на проектот „Сончеви училишта“, со кој шест основни училишта во општината добија фотоволтаични соларни централи.
Проектот, реализиран во соработка со Фондацијата „Отворено општество“ – Македонија, има за цел не само финансиска заштеда, туку и придонес кон заштита на животната средина. Во училиштата „Елпида Караманди“, „Стив Наумов“, „Коле Канински“, „Св. Кирил и Методиј“, „Александар Турунџев“ (с. Кукуречани) и „Крсте Петков Мисирков“ (с. Бистрица), поставени се панели кои ќе овозможат користење на обновлива енергија.
„Со реализацијата на овој проект, училиштата и општината ќе имаат директни бенефити од намалените сметки за електрична енергија, а заштедените средства ќе се реинвестираат во проекти за подобрување на условите во образованието“, изјави Коњановски.
Тој додаде дека проектот има и едукативна компонента – во секое училиште се поставени монитори на кои учениците, наставниците и родителите ќе можат да го следат производството на енергија во реално време. На овој начин, учениците ќе се стекнат со знаења за користењето на обновливите извори на енергија и нивната улога во иднината на зелената економија.
Коњановски се заблагодари на Фондацијата „Отворено општество“ за целосната финансиска поддршка и истакна дека проектот е доказ за посветеноста на општината кон енергетската ефикасност и одржливиот развој.