Обвинителот од Вишото јавно обвинителство, Јован Цветановски, против кого е поведена дисциплинска постапка, во изјава за Република тврди дека постапката иницирана од јавниот обвинител Љупчо Коцевски е неоснована и се однесува на четири предмети во кои обвиненијата биле поднесени без доволно докази за утврдување на кривична одговорност.
– Во предлогот за дисциплинската постапка нема навод за каква крупна професионална грешка станува збор, како што бараат законските одредби – вели Цветановски.
Тој додава дека постапката е поведена под изговор на дисциплински прекршок според член 91, алинеја 6 од Законот за јавно обвинителство, каде што како тешка дисциплинска повреда се смета ако јавниот обвинител намерно и неоправдано направи крупна професионална грешка. Сепак, тој нагласува дека различното толкување на правото и фактите не може да биде основа за утврдување одговорност.
Цветановски посочува три клучни елементи кои ја доведуваат во прашање основаноста на постапката:
Изготвениот извештај не е правно релевантен – бидејќи е направен според Правилникот за вршење надзор, тој се смета за „плод на отровно дрво“ и не може да биде основа за утврдување дисциплинска одговорност.
Конфликт на интерес – извештајот бил подготвен од двајца јавни обвинители кои имале конфликт на интерес и не смееле да вршат надзор над неговата работа“.
Противречности во извештајот – еден од тројцата јавни обвинители во извештајот констатирал дека Цветановски постапувал непристрасно, професионално и законито, што покажува дека нема единствен став.
Според Цветановски, неговата должност како виш јавен обвинител е да внимава дали кривичната постапка пред судот и пред првостепеното обвинителство се води според законските претпоставки. Тој наведува дека при увидот во предметите биле утврдени процесни пропусти од страна на првостепените обвинители, поради што следеле соодветни предлози до Апелациониот суд.
– Во два предмети обвиненијата беа повлечени, а во два предмети жалбите на јавните обвинители беа отфрлени. До обвинителите кои ги застапуваа овие предмети беа доставени писмени укажувања за нивните пропусти со цел да не се повторуваат и да не се создава правна несигурност – објаснува тој.
Цветановски смета дека иницијативата за дисциплинска постапка од Коцевски е неоснована, бидејќи во неа не се наведени материјални докази кои би покажале дека обвиненијата биле законски утемелени. Тој додава дека различното толкување на правните норми не може да биде основа за дисциплинска одговорност, што Законот експлицитно го забранува.
Како одговор на ваквата постапка, Цветановски поднел кривична пријава против Коцевски, обвинувајќи го дека со своето дејствување ја загрозува самостојноста на јавните обвинители и ја злоупотребува функцијата.
– Бидејки Коцевски, како републички јавен обвинител, наместо да ги штити јавните обвинители во насока на било каков притисок врз нивното работење, тој грубо ја злоупотребува својата фунција, постапувајки спротивно на член 3 од Законот за јавното обвинителство и непочитувајќи ги принципите на хиреархија и субординација, ја загрозува самостојноста и одговорноста на јавен обвинител во вршењето на функцијата на јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, иницирав кривична постапка со поднесување на кривична пријава до ОЈО за ГОКК против Љупчо Коцевски и двјаца членови од работната група кои вршеа надозор, за што е известен и Советот на јавните обвинители, а се со цел преку оваа кривична постапка да се спречи во иднина ваков вид на злоупотреба на своите овластувања од страна на републичките јавни обвинители – вели обвинителот Цветановски.
Тој, исто како сега веќе поранешниот виш јавен обвинител, Мустафа Харулахи, против кого исто така се водеше дисциплинска постапка, несогласувањата започнале со предметот за бонусите на СЈО. Тие велат дека причината за дисциплинските постапки против нив е тоа што не прифатиле да постапуваат по предметот со Бонусите на СЈО како што им било наложено.
– Сега веќе сум убеден дека причина за ова е враќањето на предметот со Бонусите на СЈО во Организиран криминал. Судејќи според тоа што Коцевски за овие повеќе од четри месеци го направи, преку начинот на извршениот надзор, иницираната дисциплинска постапка, затскривајќи се и во исто време злоупотребувајќи го дадениот медиумски простор секојдневно, во секоја прилика во своите настапи преку медиумите вршеше јавен линч со изјави кои не може да ги наречам правни аргументи туку клеветнички изјави, да, убеден сум дека причина за дисциплинската постапка, е мојата одлука по повод предметот за поделени бонуси во укинатото СЈО – додава Цветановски.
Целиот случај сега е во рацете на надлежните институции, кои треба да утврдат дали има основа за дисциплинска и кривична одговорност.