Шетгодишно дете било изгризано од куче во Кавадарци. Оваа информација ја потврдиле за МИА од кавадаречката болница, од Обвинителството и од СВР Велес. Според докторот Благој Митев, началник на хирургија во болницата, детето има сериозни повреди што не се за потценување.
„Станува збор за дете на околу шест години. Каснувањето беше завчера попладне, јас бев на работа кога го донесоа детето. Имаше две рани на лицето, плус огреботини. Три рани на предниот дел од абдоменалниот ѕид, една од околу четири и две од по три сантиметри длабочина. На бутната регија, две поголеми рани. На потколеница, 3-4 рани и други повреди. Изготвивме медицински извештај. Детето требаше да биде хоспитализирано, но родителите одбија од лични причини. Рекоа дека редовно ќе го носат на преврски“, појасни докторот за МИА.
И МВР го има овој случај забележано во нивниот билтен.
„На 4.11.2024 во 09.25 часот во ОВР Кавадарци, Џ.М.(23) од село Ваташа, кавадаречко, пријавила дека на 3.11.2024 на улицата Крсте Мисирков во Кавадарци, додека се шетала со нејзиниот шестгодишен син, детето било каснато од куче, кое е сопственост на 51-годишната М.И. од Кавадарци. Кучето било оттргнато од случајни минувачи. Малолетникот бил пренесен во Општа болница Кавадарци, каде му биле констатирани тешки телесни повреди“, велат од СВР Велес.
Од Обвинителството велат МВР целосно го документира случајот и притоа се обезбедуваат докази во врска со чувањето на кучето како и обезбедување на соодветна документација.