По натпреварот со Литванија и пласманот на ЕП селекторот Кирил Лазаров даде коментар на одиграното и им честита на сите играчи за постигнатото.
„Сакам да им честитам на сите момци, им честитав во Естонија и ги поддржав. Дојде јавноста, не поддржи по победата со 19 гола разлика. Сите беа решени да се пласираат на ЕП 2026. Отворивме лошо, типично македонски. Но, како одминуваше време, така мечот замина на наша страна. Момците не се испаничија, покажаа карактер. Имавме екстра-квалитетен меч, знаевме што сакаме. Секоја чест за целиот тим. Сега ќе играме со најдобрите во Европа“, изјави Лазаров.
Капитенот Филип Кузмановски повторно ја водеше Македонија до нова победа во квалификациите, овој пат вредна за пласман на ново Европско првенство.
„Навистина пред сè сакам да се заблагодарам на целата публика за поддршката. Пласманот на ова Европско првенство многу ни значи. На Македонија таму ѝ е местото. Покажавме дека оваа екипа има квалитет и ветува многу за во иднина. Го покажавме тоа на Светското првенство, дека растеме како екипа и тим по долго време. Не издвојуваме поединци, туку сме заедно. Никого не го потценивме во нашата група, Литванија е одлична, но како што кажав пред последните два меча, сакаме две победи и успеавме да дојдеме до нив. Мечот го почнавме тешко, се почувствува замор затоа што е крај на сезоната. Можеби сме во добра форма, но чувствуваме замор. Ама кога играме за Македонија, имаме посебна енергија. Благодарност до целиот тим, одиме заедно на Европското првенство. Лично, се трудам да бидам пример затоа што сум капитен. Младите играчи треба да учат, како што ние учевме од Лазаров, Миркуловски, Мојсовски, Стоилов… Така тука сега има искусни играчи, мора да бидеме прав пример за сите, секогаш да бидеме на ниво и да играме во висок ритам.“
Ждрепката за групната фаза на Европскиот шампионат е на 15 мај.