Селекторот на Македонија, Кире Лазаров ја коментираше играта на ракометарите после натпреварот со Гвинеја, кој Македонија го доби со 29-20, и се пласираше во следната фаза од Светското првенство.
Лазаров има замерки само за промашувањата, кои, како што кажа, биле 15-16 чисти „зицери“.
„Мислам дека треба да бидеме задоволни, победивме пред се, можевме многу подобро, се виде тоа неискуство кај помладите, за кои е прво или второ големо натпреварување. Промашивме 20 шутеви, од кои 15-16 од чисти позиции, чисти „зицери“. Со многу поквалитетен противник ако промашуваме толку, немаше да победиме. Добро е што успеавме да заштедиме сили кај поискусните играчи, кои се пример за помладите. Го заштедивме Митревски, Пешевски, Митев, и презедовме мал ризик. Допрва следат тешки битки. Можеме да збориме многу, повторно да се навратам жалиме за бодот со Унгарија и за многу работи против Холандија. Одиме да се подготвуваме за мечот со Австрија“, изјави Лазаров.
Селекторот ги искажа очекувањата од следниот меч со Австријците.
„Да имаме повеќе време, ќе го подготвиме подобро. Но, таков е ритамот на Светско првенство. Утре доста ќе анализираме, и ќе го презентираме на нашите играчи, но ова е доста неискусна и млада репрезентација. Колку ќе успеат да се адаптираат за 24 часа, тоа е за размислување. Но, тука се нашите навивачи ги очекуваме навивачите да бидат наш седми играч, и тоа се два гола повеќе“, рече Лазаров.