Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов се огласи на социјалните мрежи откако, како што вели, новинарот Драган Павловиќ-Латас упатил критики кон членови на неговото семејство. Најави дека „цела фамилија Костадинови го чека“ за зборовите кон неговиот покоен татко.
Да кажеш дека татко ми „ја искоцкал куќата“ и со тоа да го ставиш на маса за потсмев тоа не е хумор. Тоа не е критика. Тоа е отворен воен акт кон моето семејство. А кога ќе удриш по мртов човек – знаејќи дека не може да ти одговори – тогаш ќе одговараш на живите. На нас. На мене. На моите. На сите што ќе се родат со нашето презиме“, стои меѓу другото во пораката на Костадинов.
„Стапот има два краја. Твојот е безмилосен. Без прошка. Без заборав. Ова нема да помине. Ова ќе ти се врати. Не како текст – туку како живот. И нема крај додека ние не кажеме дека е завршено. Клетвата си ја заработи. Осветата ќе си ја добиеш. Секој што ќе го носи моето име – ќе знае што направи ти. А и ти ќе знаеш: го направи на погрешни луѓе“, напиша Костадинов.
ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува говорот на омраза од страна на Костадин Костадинов врз новинарот Драган Павловиќ-Латас и бара итна разрешница.
„Ова е доказ за тоталната безидејност на СДСМ. Кога немаат идеи – имаат омраза, кога немаат програма – имаат насилство, кога немаат политика и предлози – имаат некрофилија. Градоначалникот на Струмица и близок соработник на Заев, оди по неговите стапки. Едниот живи луѓе јадеше, овој сега се заканува на новинари дека ќе се одмаздува на свој начин. Матрицата на СДСМ е таа и нема менување. Позади ваквата нарачка за линч на новинар седат директно Венко Филипче и Зоран Заев“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Ова се вистинските лица на соработниците на Зоран Заев и Венко Филипче – повикуваат на убиства на новинари, ова го нема никаде, се додава во соопштението.
„Партијата чиј член и градоначалник е Костадинов, молчи и не се оградува од коментарите на Костадинов. Го повикуваме МВР да реагира и да го повика на распит градоначалникот на СДСМ по бруталните закани“, апелира владејачката ВМРО-ДПМНЕ.